Реагирај! отвори прашања вредни за дискусија и акција

Реагирај! во текот на своето кратко постоење веќе има 58 пријави, означени се 79 локации во Скопје, вкупно 46,080 прегледи на страниците и 5,713 посети и голем интерес од медиумите (Вест, Voice of America, Факултети.мк, ПлусИнфо, СкопјеИнфо, it.com.mk итн, како и други магазини и телевизии)

Очигледно е дека Реагирај! отвара прашања за кои треба да се зборува. Страницата беше пуштена во јавност на 16.08.2012 и постои еден месец. Бројот на пријави за толку кратко време индицира дека сепак иако не е толку често споменуван во јавноста, овој проблем постои и е сериозен. Сите оние кои се чувствуваат осамени по ова прашање, можат да видат дека не е до нив туку дека ова е општествен проблем, и да се чувствуваат послободни да се спротивстават. Девојките и жените во своите пријави велат „Јас мислев само мене ме дeмнеат вакви манијаци!“, има пријави кои се однесуваат на континуирани или чести инциденти од иста личност или на исто место, а многу од оние кои пријавиле прашуваат што понатаму или што да преземат.

На електронската пошта оставена за пријави и контакт, покрај неколку пријави стигнаа и добронамерни забелешки и предлози, како и многу добри конструктивни предлози од вработен во МВР кој ни ја испрати следната порака:

проектот е за пофалба, но малку размсилувам полициски односно како информациите вистински да се искористат превентивно/репресивно. Би било добро покрај податоците кои се бараат од жртвите, да побарате од нив да дадат дополнителни податоци за сторителите (веб страната да биде дизајнирана да жртвите внесуваат и други податоци). Особено за: приближната возраст, висина, тежина, боја на коса, облека која ја носат, накит, како и особени белези (тетоважи, менѓуши, и други слични карактеристики).
Овие информации може да помогнаат во откривање на идентитетот на сторителот, во спротивно интеракцијата со органите на прогонот (полиција и јавно обвинителство) би бил сведен на исклучива превенција во однос на избегнување на местата означени како ризични (темни точки, криминогени жаришта).
Но да не заборавиме дека криминалците се прилагодуваат на ситуацијата. Кога ќе осетат опасност ја менуваат локацијата, што значи дека сторителот е ист ама локацијата е друга. Не дека и утврдувањето на местата не е значајна превентивна мерка, но превенцијата би се зголемила кога би го имале и идентитетот на сторителот, а тука од клучна важност се прашањата кои предходно ги наброив.
поздрав и секоја чест за сајтот.

Ние веднаш ги земавме предвид ваквите конструктивни забелешки и ги имплеметиравме на страницата. Потребна е ваквата поддршка од институциите за ваквите проблеми: ако граѓаните и институциите работат заедно превентивно, поголеми резултати ќе се постигнат во решавањето на овие прашања.

Реагирај! е отворен за понатамошни предлози и дискусии кои можете да ги испраќате на prijavinasilstvo@reactor.org.mk.

Ви благодариме, и се надеваме дека заедно ќе придонесеме за помалку насилство врз жените на јавни простори.